Вработените во Секретаријатот и стручните единици на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), кои од вчера стапија во штрајк за поголеми плати, велат дека само со отворање на Законот за МАНУ може да се реши нивниот проблем.
– Овој синдикат ги вклучува вработените во Секретаријатот и стручните единици на МАНУ – стручните, административните и техничките вработени. Овој синдикат не ги опфаќа стручните соработници во истражувачките центри на МАНУ, коишто се друга категорија вработени, и исто така се вметнати во Законот за МАНУ и за нив во Законот е предвиден и колективен договор. Во Законот за МАНУ за нас не е предвиден колективен договор, при што пет, шест и повеќе години можеби, многу колеги во МАНУ се уште немаат одобрување од Министерството за финансии за унапредување во звање, што законски им следува, со стажот, а тоа воопшто не е проблем за унапредување во звање за научните соработници кои редовно ги добиваат тие согласности за унапредување во звање од Министерството – вели Гоце Алексоски, советник за меѓународна соработка во МАНУ.
Блажо Вујовиќ, претседател на синдикалната организација на МАНУ, во врска со дописот до медиумите вчера од Претседателството на МАНУ, во кое се вели дека „Претседателството дава целосна поддршка на барањата на вработените кои стапија во штрајк за зголемување на платите“, вели дека тие воопшто немале комуникација со претседателството и не биле известени за оваа поддршка.
– Тоа што го прочитавме вчера не изненади, бидејќи не знаевме дека воопшто имало седница, а второ, како колектив дека таа поддршка треба прво да ни се даде на нас. Не сме повикани од претседателството, не сме разговарале воопшто со нив. Имавме една средба со извршниот одбор каде што ги претставивме нашите барања и тука заврши се. Потоа, знаеме дека се формира работна група од членови на претседателството што требаше да го реши нашето прашање. Колку што знаеме ние, таа група не се состанала ниту еднаш, ниту имаме одговор од претседателството ниту од таа група, што е формирана во 2021 година, со што година и пол ние немаме никаков одговор, а сега доаѓа ова каде што ни се дава поддршка – нагласи Вујовиќ.
Според него, нивниот проблем не е лесно решлив, бидејќи мора прво да се отвори законот за МАНУ којшто, како што појасни, не дозволува ниту да имаат колективен договор.
– Тој закон прво мора да се промени, а за да се промени тој закон, мора да реагира претседателството на МАНУ – единствениот и надлежен што може да го направи тоа. Законот за МАНУ мора да се отвори, друг начин за решавање на нашиот проблем, нема – дециден е Вујовиќ.
Во врска со поддршката од академиците, вели дека таква поддршка имаат само декларативно, но досега е без резултати.
– Ова писмо што дојде вчера, ние не бевме информирани дека е одржана седница на Претседателството и дека е донесена таква одлука. И како е доставено до медиумите, а не до нас. Ако треба да има некаква поддршка таа прво треба да дојде до нас, па да се седне со нив, но тоа не се случи. Нас никој не нема директно контактирано, за нас ова е потценувачко. За разлика од нас, останатата група вработени, во Законот за нив јасно стои дека имаат можност со колективен договор за плата, кај нас тоа го нема – потсети Вујовиќ.
Владо Димовски, претседател на Прогресивниот синдикат на образованието (ПСО) при ССМ, рече дека веќе биле двапати на разговори овде, при што вработените во МАНУ не го добиле скалестото зголемување на платите.
– Тогаш се договоривме да продолжат разговорите, за да не дојде до ова што денеска се случува – штрајкот. Но останаа глуви на сите тие барања, иако дел од академиците биле поранешни синдикалци, биле експерти за економија, кроеле економија на државата, но овој дел во самата Академија, не се покажале – рече Димовски.
Вчера Претседателството на МАНУ во допис до медиуми вели дека дава целосна поддршка на барањата на вработените кои стапија во штрајк за зголемување на платите, кои, велат „подолг временски период се одржуваат на ниско рамниште и не се на соодветно ниво во однос на другите јавни институции (Влада, министерства, универзитети)“.
– Со појавата на енергетската криза и порастот на инфлацијата платите се дополнително депресирани. Ниските плати ги демотивираат вработените во Академијата така што највисоката научна и уметничка институција во земјава веќе е соочена со одлив на вработените од Секретарјатот на МАНУ и неговите сектори и оддели, па дури и со одлив на дел од техничките и помошни работници – стои во дописот од Претседателството до медиумите.
Претседателството на МАНУ апелира до надлежните институции да обезбедат соодветен финансиски третман на Академијата, т.е. „соодветна буџетска поддршка, како и брзо решавање на недоследностите во постојната законска регулатива, со цел да се овозможи соодветен статус на вработените во Секретаријатот и стручните служби како и на научните соработници, а во функција на унапредување на основната дејност на највисоката самостојна научна и уметничка институција во државата“.