Односите меѓу Русија и САД се во состојба на криза без преседан, без знаци на подобрување, изјави заменик-шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков, пренесува АП.
Рјабков истакна дека најавата на Белата куќа дека ќе го зголеми вооружувањето на Украина за да се обезбеди пораз на Русија не остава простор за дипломатија.
„Не гледам перспектива за продуктивен политички и дипломатски процес. Имаме многу длабока и невидена криза во односите меѓу Русија и САД. Администрацијата на Бајден ги доведе во застој“, рече рускиот дипломат.
Рјабков предупреди дека САД и нивните сојузници мора внимателно да ги проценат ризиците од зголемените испораки на украинската армија.
Тој истакна дека Москва не верува во изјавите на Западот дека ќе ги почитуваат ограничувањата што самите си ги воведоа кога станува збор за опсегот на оружје што и се дава на Украина.
Рјабков ги отфрли американските аргументи дека одбивањето на Русија да продолжи со инспекциите на нуклеарните постројки е кршење на договорот СТАРТ, последниот пакт за контрола на нуклеарното оружје што постои меѓу двете земји.