Европскиот совет денеска ќе одржи вонреден состанок, а се очекува да се разговара за поддршката за Украина, заштитата на надворешните граници и миграцијата, мерките за контрола на инфлацијата. На средбата се очекува да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој ќе допатува од Франција заедно со францускиот претседател Емануел Макрон.
Зеленски деновиве е на турнеја низ Европа, ја напушта својата земја по вторпат од почетокот на руската офанзива на 24 февруари 2022 година. Тој во декември отпатува за Вашингтон.
Вчера тој беше во Лондон, а потоа во Париз, каде што вечераше во Елисејската палата со Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц од кои побара да испорачаат борбени авиони „што е можно поскоро“ за да ја потиснат руската офанзива во неговата земја.
Шефовите на држави и влади од ЕУ денеска треба да разговараат за новите санкции што се подготвуваат против Русија поради нападот врз Украина. Ќе бидат разгедани прашањата за заобиколување на веќе воведените санкции, за користење на запленетиот руски имот, проценет од ЕУ на околу 300 милијарди евра, за повоената обнова на украинската земја, за барање одговорност од виновниците за воени злосторства. Досега ЕУ на Украина и обезбедила помош од околу 67 милијарди евра, според официјалните податоци.
Се очекува Европскиот совет да разговара за можностите за обезбедување финансирање од ЕУ за заштита на надворешните граници по предлогот на Европската комисија и податоците за миграциските текови.