Со потпишувањето на овој Договор, отпочнуваат активностите за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 за автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга- Ќафасан и на Коридорот 10-Д за делницата на автопатот Прилеп-Битола.
„Со потпишувањето на овој Договор, продолжуваме да ја зацврстуваме нашата определба како Влада дека автопатските делници, патиштата и инфраструктурата во нашата држава се еден од главните приоритети на кои ќе продолжиме да се фокусираме и годинава“, изјави премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски посочи дека Владата е силно фокусирана на капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура, додавајќи дека за 5 години се реализирани 1.300 км патна инфраструктура, рехабилитирана и изградена, во која се инвестирани над 1 милијарда евра.
„Изградбата на автопатските делници на Коридорите 8 и 10 е од клучно значење за подигнување на нивото на квалитетот на патната инфраструктура и сообраќај, со што уште повеќе ќе ја истакнеме гео-стратешката позиција на Република Северна Македонија, која, преку овие проекти ќе стане неизбежна транспортна рута од значење за регионот, но и пошироко“, истакна премиерот Ковачевски.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби посочи дека ова е најголемиот капитален проект.
„Денеска навистина е историски ден за Република Северна Македонија, како што рече и премиерот, започнуваме изградба на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на независна Република Македонија, кој што ќе биде многу значаен за сите наши граѓани, за целата наша економија и за регионалното поврзување“, рече вицепремиерот Груби, додавајќи дека веќе е закажана седница на Управувачкиот комитет, каде што ќе се донесе одлуката за да почнат преговорите помеѓу избраниот консултант и надзор ИРД и конзорциумот „Бехтел“ и „Енка“, кој што ќе ги гради двата Коридора 8 и 10-Д.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, посочи дека инфраструктурата е врвен приоритет на оваа Влада, а потпишувањето на овој Договор е уште еден доказ дека Република Северна Македонија останува на вистинскиот правец за европска модерна држава.
„Од денеска па во наредниот период, работната група во соработка со консултантот, кој истовремено е и надзор, ќе го започнат преговарачкиот процес со изведувачот „Бехтел“ и „Енка“ со цел да се постигне квалитетен договор за изградба на преку 120 километри нови автопатски делници на Коридор 8 и Коридор 10-Д. Веќе напролет очекуваме да ја почнеме силната градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8“, рече министерот Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми изрази огромна чест и задоволство што го потпишува Договорот за надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор 8 и Коридор 10 Д со Група на „IRD INGINEERING Srl“, од Италија.
„По потпишување на Договорот за градежни работи на автопатските делници ќе започне втората фаза од Договорот со вршење на стручен надзор над имплементацијата на четирите делници и тоа: изградба на автопат Тетово – Гостивар; изградба на автопат Гостивар – Букојчани; изградба на автопат Требениште – Струга – Ќафасан и изградба на автопат Прилеп – Битола“, рече директорот Рустеми.
Директорот на „IRD Engeineering“, Паоло Орсини истакна дека е „чест е и привилегија да се биде дел од овој настан во Владата“.
„ИРД Инженеринг се присутни во Македонија за инженерски услуги во последниве 20 години. Една од нашите конкурентски предности е и ќе биде нашето локално присуство со комбинација на меѓународно искуство и експертиза. Заедно со нашите локални партнери во овој проект ние ќе ги вложиме сите потребни напори за да ги изградиме 4-те делници со највисок стандард и квалитет којшто одговараат на квалитетот на патиштата кои се градат во ЕУ“, потенцираше Орсини.