Кањонот Матка да се прогласи за споменик на природата

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Владата на денешната седница го усвои Предлогот на законот за прогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје во категоријата III – споменик на природата. Со тоа, децениското игнорирање на едно од највредните подрачја во земјава се приближува кон крај, а постапката за заштита направи еден чекор напред. Во следната фаза законот треба да го изгласа Собранието, и Матка конечно да добие заштита.

Како што денеска изјави министерот за животна средина Насер Нуредини, со конечното усвојување, после долг период на усогласување, постигнат е консензус во интерес на заштита на ова уникатно национално природно богатство.

– Со донесувањето на Законот, ќе се овозможи не само заштита на природните вредности, разновидноста на биодиверзитетот, туку и ќе се создадат нови можности за одржливо управување и развој на овој еко-систем –  вели Нуредини.

Според предлог законот, Матка е поделена на неколку зони, зона за строга заштита, зона за активно управување, зона за одржливо користење и заштитен појас. Зоната на строга заштита опфаќа речиси 39 отсто од подрачјето во кое спаѓаат четири поголеми области: Козјак, Добрашија, Матка – Врело и Плоча. Во овој дел е забрането спроведување на активности со коишто се загрозува изворноста на природата и нарушувањето на природната рамнотежа, заради што Градот Скопје и Општина Сарај се должни да обезбедат постојан мониторинг. Во зоната за строга заштита дозволени се научно-истражувачки активности, доколку тие не се во спротивност со примарните цели на заштита на подрачјето.

Со споменикот на природата ќе управува Градот Скопје во соработка со Општина Сарај, а ќе треба да формираат Совет на засегнати страни и Научен Совет, како консултативни тела во согласност со Законот за заштита на природата.

Матка чека репрогласување од 2004 година, кога е донесен законот за заштита на природата. Периодот од 19 години, во кој подрачјето нема никаква заштита, се искористи да се изградат диви платформи, се узурпираше и водата и брегот на езерото, се возат моторни чамци, а се фрла и отпад. Во меѓувреме додека Матка чека заштита, некои од дивоградбите завршија и на суд, но пресуди нема, ниту пак локалните власти во Општината Сарај преземаа нешто да ги отстранат. Матка не беше приоритет ниту на централната власт, која природните и културните богатства лесно ги препушти на негрижата на локалните власти и не направи напор да ги заштити.

Кањонот Матка е вклучен во Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската Унија, а бројните видови од Кањонот Матка се вклучени на прилозите на Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивата флора и фауна.

 

извор: Мета

- Advertisement -
Ad image
Share This Article