На руската паравоена формација Вагнер тешко ѝ оди освојувањето на клучниот град Бахмут и по шест месеци, па тактиката е сменета со гранатирање на околни места во регионот Доњецк за да се дефокусираат украинските војници во градот. Вака ги оценува британското разузнаање новите гранатирања на истокот на Русија, кои пак за украинскиот претседател се обична руска одмазда за неуспесите.
– Не мислам дека Русија ќе може да му обезбеди на своето општество каков било убедлив резултат од офанзивата. Јас сум сигурен во нашата армија. Ќе ги запреме, малку по малку, и ќе ја подготвиме нашата голема контраофанзива – рече Зеленски, додавајќи дека Русите претрпеле огромни загуби во нападите во изминатите неколку недели.
Новата објава на разузнавачите сугерира дека Вагнер не успеаја во последните недели да постигнат оперативно значајни придобивки во нивните офанзиви околу Бахмут, пишува Њузвик. Тие не можеле да напредуваат надвор од помалите тактички придобивки во Соледар и другите околни мали населби.
Министерството за одбрана на Велика Британија во вторникот рече дека руските команданти најверојатно „се стремат да развијат нова оска за напредување во Доњецката област која е под контрола на Украина и да ги пренасочат украинските сили од силно оспоруваниот сектор Бахмут“.
Во последните три дена, Русија веројатно ги разви своите истражни напади околу градовите Павливка и Вуледар во „поконцентриран напад“, соопшти Министерството.
„Населбите се наоѓаат на 50 километри југо-западно од градот Доњецк, а Русија претходно ја користеше 155-та поморска пешадиска бригада во неуспешен напад на истата област во ноември 2022 година“, се вели во ажурирањето.
Сепак, според оценката на Министерството за одбрана, постои „реална можност“ Русија да продолжи да остварува локални придобивки во Бахмут.
Во него се додава: „Меѓутоа, малку е веројатно Русија да има доволно неангажирани трупи во областа за да постигне оперативно значаен пробив“.
Додека судирите продолжуваат во Бахмут, руските сили го набљудуваат блискиот град Вуледар. Денис Пушилин, рускиот водач во самопрогласената Народна Република Доњецк, за РИА Новости изјави во петокот дека заземањето на градот може радикално да го промени балансот на силите на линијата на украинскиот фронт.
– Наскоро Вуледар „може да стане нов, многу важен успех за нас – рече Пушилин.
– Преземањето контрола на оваа населба ќе им обезбеди на нашите војници пристап до правците Красноармијск (Покровск) и Кураховское – додава тој.
Во неделата, украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше до западните лидери да ја „забрзаат“ испораката на ветените воени резерви за Украина поради рускиот напредок околу Бахмут.
Додека тенкови беа ветени за Украина од повеќе европски земји и САД, американскиот претседател Џо Бајден извести дека авиони за Украина нема да бидат испорачувани.