Веста за избодената д-р Елвира Којиќ, психијатар во Вировитица во Хрватска одекна во регионот. Докторката во саботата попладне била нападната во нејзината приватна ординација од 37-годишна жена, а среќна околност е дека општата болница била на стотина метри од ординацијата па таа можела да биде брзо пренесена на интензивна нега. Нападот траел дури половина час, пишуваат хрватските медиуми.
Полицајците со присила ја привеле жената, а за случајот пријавиле соседите кои слушнале дека нешто се случува.
Елвира Којиќ(58) засега е во стабилна состојба, вели д-р Сандра Фрљевиќ од Обединетата Итна помош на Општата болница Вировитица.
– Таа има повеќе убоди од нож речиси по целото тело, најмногу површни повреди, но тешко е да се процени колку крв изгубила – изјавиле од болницата.
Д-р Елвира Којиќ е позната во Хрватска бидејќи работи со војници кои имаат трауми од војната во Југославија и активно пишува статии во својата област.