Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола беше задоволен по пласманот во четвртото коло од ФА Купот.
Во дербито од третото коло граѓаните го победија домаќинот Арсенал со 1:0, а по натпреварот Гвардиола ја пофали играта на водечкиот тим на Премиер лигата.
„Дефинитивно бевме подобри во вториот дел, но и Арсенал направи чекор напред. Тоа беше тежок и неизвесен натпревар. Видовме колку добар тим се. Не ја очекував нивната тактика – човек на човек – беше тешко да се дојде до нашата игра, но го победивме тимот од врвот на табелата и одиме во следната рунда“, изјави шпанскиот стручњак.
Од друга страна, Микел Артета не го криеше разочарувањето по поразот кој Арсенал го чинеше премин во следната фаза.
„Навистина сум разочаран. Мислам дека можевме да извлечеме многу повеќе од нашата игра. Беше тежок натпревар, една нивна акција ја реши одлуката. Мислам дека можевме многу подобро да реагираме во тој момент, во однос на дисциплината кога топката беше во шеснаесетникот“, изјави тренерот на Арсенал.
Манчестер Сити ќе го дознае името на следниот противник во понеделник кога ќе се изврши ждрепката за четвртото коло од ФА Купот по последниот натпревар меѓу Дерби Каунти и Вест Хем.