Јапонското Министерство за здравство наскоро ќе одлучи дали за првпат ќе ја легализира таблетата за абортус, која неодамна беше одобрена од комисија од експерти.
Абортусот е легален во Јапонија до 22 недели. Операцијата во моментов е единствената достапна опција и обично бара согласност од брачниот другар.Во декември 2021 година, британската фармацевтска компанија „Линефарма“ поднесе барање до јапонските власти за добивање дозвола за продажба на апчиња за абортус, кои може да се користат на почетокот на бременоста.
Оваа пилула е веќе достапна во многу земји. Франција беше првата што ја одобри оваа пилула во 1988 година, додека во САД се продава од 2000 година.
Неименуван функционер на јапонското Министерство за здравство денеска изјави за Франс прес дека комисијата од експерти „не гледа никаков проблем“ со легализирање на пилулата.
Според локалните медиуми, лекарскиот рецепт за таа пилула би можел да биде одобрен веќе во март.
Хируршките абортуси не се покриени со јапонското социјално осигурување и може да чинат од 100.000 до 200.000 јени (помеѓу 700 и 1.400 евра). Абортусите во подоцнежната бременост понекогаш се поскапи.