More

    Ковачевски упати честитки за празникот Свети Сава

    spot_img

    Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва имаше обраќање на свечената академија, која се одржа по повод одбележувањето на Св. Сава – националниот празник на српската заедница во Република Северна Македонија.

    На свеченоста присуствуваа Милош Вучевиќ, заменик-претседателот на Владата на Република Србија и министер за одбрана на Република Србија, Славјанка Петровска, министерка за одбрана на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политички партии, граѓански организации, здруженија, како и бројни гости од земјава и од странство.

    Премиерот Димитар Ковачевски упати најсрдечни честитки по повод празникот Св. Сава, со желба за долговечно чествување.

    Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:

    „Дозволете ми од мое име и од име на Владата да ви го честитам денешниот празник, Св. Сава, националниот ден на Србите во Република Северна Македонија и во таа чест да ви упатам најсрдечни честитки со желба денешниот ден да се слави долговечно.

    Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава значи негување на сите вредности по кои духовниот и интелектуалниот творец на идејата за српската државотворност ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори.

    Основоположникот и првиот архиепископ на Српската православна црква, Св. Сава учеше на трпеливост, помирување меѓу луѓето, ширење на љубов и почит кај народот. Неговото учење се засноваше на вера и вистина. Понесен од таа идеја, тој се откажа од сите земски задоволства и богатства, за да може да го искуси духовното, она кое го остави како свое наследство на генерациите кои доаѓаат.

    А, неговото наследство не е мало. Бидејќи вредностите за кои се бореше и ги застапуваше Св. Сава и неговото учење за почит кон другите и избор на мирот пред конфликтот, денес е аманет и за сите народи кои денес живеат пошироко од границите на неговата матична држава, Србија. Аманет за сите народи кои водејќи се од принципите на добрососедство и соживот, избираат да градат мир, взаемна доверба и меѓусебна соработка.

    Токму затоа сме денес овде. Да ги негуваме тие вредности кои во светот нѐ истакнаа да бидеме препознатливи по почитувањето на културните вредности на сите народи кои живеат овде. Мултикултурализмот е наш посебен белег низ вековите, со помош на кој денес ги уживаме благодетите на мир и сожителство, трасирајќи стабилна иднина и за следните поколенија.

    Валоризацијата на овие вредности и негувањето на почитта кон другите и почитта кон различностите нѐ прави да бидеме обединети во заедничката идеја за мир и единство. Само така, обединети во различностите, можеме да одиме напред како општество, но и заеднички, како народи кои живеат во регион, преполн со предизвици.

    Еден таков голем предизвик беше корона кризата, кога Република Србија ни помогна со доставување на неопходните првични количини на вакцини во тоа време, за што сме искрено благодарни на српскиот народ што во такви тешки моменти ни подадоа рака и ни помогнаа да се справиме со кризата.

    Сега сме соочени со поинакви предизвици, кои, се надевам заеднички ќе ги надминеме преку заеднички иницијативи кои ќе ни отворат нови видици на патот кон Европската Унија. Такви видици сега се отвораат преку нашата заедничка иницијатива Отворен Балкан, која е политика на отворени врати.

    Нашите врати, вратите на Република Северна Македонија секогаш ќе бидат отворени за сите народи кои се пријателски, а еден од тие народи е и нашиот братски, српски народ

    Нашата заедничка иднина зависи од сите нас. Без разлика колку и да сме различни, сепак, имаме една цел кон која сите се стремиме – просперитетен, отворен и современ Балкан, ослободен од предрасуди, омраза и непријателства.

    Да градиме пријателства, да градиме мир во нашите држави и во нашето соседство, а преку тоа да придонесуваме и кон мирот во светот.

    Овој ден кај мене секогаш буди исклучително среќни чувства бидејќи јас потекнувам од Куманово исто и како нашиот вечерашен домаќин г. Стоилќовиќ, министерот за внатрешни работи и дел од другите гости кои ги гледам тука. Се сеќавам како нашите баби, нашите мајки во Куманово, на овој ден одеа во нашите православни храмови за да осветат колач за нивните деца, нивните внуци да имаат добри академски успеси.

    Нека бидат вечни името и славата на Свети Сава, националниот празник на Србите во државава и насекаде низ светот”.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img