Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на редовната средба со новинарите на којашто се разговараше за уставните измени, нефункционалноста на Парламентот поради немањето кворум и за предвремените парламентарни избори, беше запрашан зошто на партискиот лидер Али Ахмети му се обраќа со „команданте“, исто како што тоа го правел за време на воениот конфликт во 2001 година.
Џафери, пак, за тоа како му се обраќа на Ахмети, на новинарите им порача дека тоа е негова лична работа.
– Па што има врска што не сме 2001 година, па и да сме 2101 година, јас пак на Ахмети ќе му се обраќам како што јас сакам. Одамна се познаваме и никој не може да ми каже како да му се обратам – рече Џафери.
Новинарите му забележаа на Џафери и за тоа дека како собраниски спикер присуствува и учествува во партиски активности на ДУИ, но тој повторно рече дека тоа е негова работа.