Зимата конечно ќе го покаже своето вистинско лице, вели за Плусинфо метеопрогнозерот Славчо Попоски. Тој најави дека денеска во Македонија ќе продолжат повремените локални врнежи од дожд, додека на планините над 1200 метри надморска височина ќе има врнежи од снег, што ќе овозможи зголемување на снежната покривка.
– Попладне и во вечерните часови, како и утре ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, со што од север ќе започне да се спушта значително постуден воздух. Локално провејување на снег ќе има некаде и на пониските места (градовите) – вели Попоски.
Тој додава дека локално, и тоа особено во западните предели, врнежите ќе бидат обилни (над 30 л/м2 воден талог), а можна е и локална појава на грмежи. На планинските места, односно на скијачките центри ќе се формира снежна покривка од над 10 см, а на повисоките планински места истата ќе биде со висина од над 20 см.
– Во Скопје и во околината ќе има послаби локални врнежи од дожд, додека кон крајот на денот и навечер ќе почне да дува умерен до засилен ветер од северен правец. Освен на околните планини, услови за провејување на снег ќе има и во повисоките предели од котлината – вели Попоски.
Минималните температури во следниот период повторно речиси насекаде ќе се спуштаат под нулата. Ќе се спуштаат во интервалот од -7 до 2 степени, додека максималните дневни температури ќе бидат значително пониски за разлика од минатите денови и ќе се искачуваат во интервалот само од 2 до 8 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
– Попладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места со послаб интензитет. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Температурата ќе достигне до 8 степени – информираат од УХМР.