Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески што поскоро да закаже вонредна седница на Советот, посветена на загадениот воздух. Состојбата со аерозагадувањето во Скопје е алармантна и бара преземање итни мерки, повикува советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, која предложи мерки за решавање на проблемот со загадениот воздух.
– СДСМ како одговорна партија бара итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, зголемување на средствата за борба против загадувањето од градскиот Буџет, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје, миење на улиците и јавните површини со цистерни, како и безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност – велат советниците од СДСМ.
СДСМ ги повикува сите советници, посебно советниците од ВМРО-ДПМНЕ како најбројна советничка група, да дадат поддршка на иницијативата во интерес на сите скопјани.
– Непреземањето ништо од страна на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е на штета на граѓаните. За една година локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Арсовска не презеде ништо за справување со аерозагадувањето, напротив со неодговорното постапување директно придонесе за зголемување на загадувањето. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги намали парите за животна средна за дури 44% и предизвика хаос и нефункционалност на јавниот превоз, што дополнително го поттикнува загадувањето. ВМРО-ДПМНЕ наместо да тера инает да се приклучи на оваа иницијатива. Станува збор за најскапото нешто за граѓаните – нивното здравје – реагираат од СДСМ.
Од друга страна пак, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека десетина дена скопјани се задушуваат во загаден воздух, а коалицијата СДСМ, Левица и Арсовска „мува не ги лази“.
– Наместо да предлагаат некакви полумерки и вонредни седници, нека седнат СДС(М) и Арсовска, па тоа било и на тајна средба и нека донесат вистински и суштински мерки за загадувањето. Полумерките на СДС се со единствена цел, да се полни касата на ЈСП Скопје, бидејќи директорот на ова претпријатие e кадар на СДС и преку тендери во четири очи со омилената фирма Пуцко Петрол да ги украдат парите на граѓаните. А, за возврат граѓаните да добијат намален број градски автобуси, наместо тој број да биде зголемен – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека ова е целосна неодговорност од страна на СДСМ и Арсовска за здравјето на скопјани.
– Забораваат од СДС дека веќе 7 години се на централна власт и немаат ниту еден проект за почист воздух и здрава животна средина во Скопје. Толку од зелените агенди на СДС и нивните коалициски партнери. Над 20 милијарди евра од изминатите буџети потрошени и украдени пари, а без ниту еден капитален проект за справување со загадувањето. Се што прави коалицијата СДС, Левица и Арсовска е за личен профит и некој тендер плус, а на штета на граѓаните. За тоа најпотребни се предвремени парламентарни избори за излез од овие кризи, за кои најодговорни се СДС – се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.