Рускиот претседател Владимир Путин денеска му нареди на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да воведе дводневен прекин на огнот долж целата линија на фронтот со Украина, почнувајќи од пладне на 6 јануари до полноќ на 7 јануари.
Претходно западни медиуми јавија дека прекинот на огнот ќе почне на полноќ на 6 јануари.
Русија ја повика Украина да прогласи прекин на огнот и да им се дозволи на луѓето да присуствуваат на богослужбите на Бадник и Божик.
Според соопштението од Кремљ, прекинот на огнот ќе трае до полноќ в сабота. Руските власти ја повикаа украинската страна да „прогласи прекин на огнот и да им овозможи на граѓаните да присуствуваат на божиќните богослужби”.
Како одговор, украинскиот претседателски советник Михаил Подољак го нарече предлогот „цинична измама и елемент на пропаганда”.
Одлуката за едностран прекин на огнот од руска страна доаѓа откако тоа од Путин го побарал и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во разговор. Ердоган зборувал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговите нови обиди да посредува за ставање крај на 10-месечната војна.
Во разговорот Путин рекол дека е отворен за преговори ако Украина ја признае новата територијална реалност. На ова подоцна Киев излезе со свој одговор:
– Киев отфрла каков било мировен договор со Москва што ќе ѝовозможи на Русија да ја задржи окупираната украинска територија од руските сили – изјави денеска советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаил Подољак.
„Руската Федерација (Путин) под зборот разговор им нуди на Украина и на светот да го признаат нејзиното право(на Русија) да окупира странски територии и да го решат отсуството на правни последици за масовните убиства на странска територија. Тоа е целосно неприфатливо“, напиша Подољак на Твитер.