На денешен ден пред 11 години почина првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров. По тој повод, делегација на Собранието, владина делегација предводена од премиер от Димитар Ковачевски, почитувачи на неговото дело како и членови на неговото семејството ќе положат цвеќе на неговото вечно почивалиште на градските гробишта Бутел.
Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94-годишна возраст.
Во 1991 година Глигоров ја предводеше Македонија во нејзиното осамостојување по мирен пат од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.
На 3 октомври 1995 година Киро Глигоров преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол”.
По пензионирањето беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме” (2001), „Атентат – ден потоа” (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот” (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи” (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров”. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија”.
Глиговор беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.