Србите на северот од Косово денеска треба да ги тргнат барикадите по заедничката изјава на претставници на ЕУ и САД. Тоа го потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ кој изјави дека се дадени меѓународни гаранции дека ќе се исполнат барањата на Србите за отстранување на барикадите. Претседателката на Косово Вјоса Османи, пак, предупреди дека доколку тоа не биде направено косовските институции ќе дејствуваат.
– Ова не е едноставен процес и не може да се направи за два часа, како што некои замислуваа. Но во рок од 24 до 48 часа барикадите ќе бидат отстранети. Но, недовербата не се отстранува. Тие што си играат со самото постоење на Србите на Косово мора да знаат дека, како што не го дозволивме сега, нема да дозволиме ниту во иднина – рече Вучиќ по синоќешниот разговор со учесниците на блокадите, кој беше затворен за јавноста.
Вучиќ го прочита заклучокот на претставниците на Србите од северот на Косово за отстранување на барикадите, во кој се наведува дека „немаат доверба во приштинските институции“.
-Доколку апсењата и континуираниот терор врз српскиот народ продолжат, ние засекогаш ќе го затвориме северот на Косово за дискриминаторските институции на Приштина. Тогаш ќе поставиме барикади кои никогаш нема да бидат отстранети и тоа ќе биде граница за Приштина што тие никогаш нема да ја преминат – рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека се исполнети барањата според кои е ослободен полицаецот уапсен од косовските власти што беше причина за поставувањето на барикадите и дека луѓето што беа на барикадите нема да се гонат.
-Имаме посебен документ кој им дава права и на српскиот народ на северот на Косово и на државата Србија, но, исто така, за прв пат се наметнува обврска на КФОР да го спречи влегувањето на косовските безбедносни сили на север – рече Вучиќ.
Тој рече дека од него се бара „дека нема да има признавање на независноста на Косово, во ниту една форма, бидејќи тоа е територија на Србија“.
Во меѓувреме претседателката на Косово Вјоса Османи изјави дека прашање на часови е кога ќе бидат отстранети барикадите на северот на Косово и дека косовските институции ќе дејствуваат доколку тие барикади не се отстранат бидејќи, според неа, колку се подолги барикадите, толку повеќе се загрозени животите на граѓаните и „на нашите институции заедно со меѓународните безбедносни институции“.
Таа за приштинската ТВ Клан Косова оцени дека ова се најопасните барикади досега.
-Тоа се проценки на домашните и меѓународните безбедносни институции, тоа се доверливи проценки од кои по една недела ќе можеме да ја отстраниме ознаката за тајност – рече Османи.