Зголемувањето на платите во Министерството за финансии од 32 отсто е оправдано бидејќи ова министерство е столб на државата и чувар на нејзините пари, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција, запрашан за оправданоста на зголемувањето на платите во повеќе министерства кое е поголемо од инфлацијата во земјата.
Според буџетот за 2023 година планирано е зголемување на платите скоро во сите министерства. Најголемо зголемување од 32 отсто има во министерството за финансии, на образование од 29 отсто, на одбрана од 15 отсто …
– Со изгласување на закон за органско буџетирање, кој е во собрание на кој се работеше 4 години, вработените во Министерството за финансии и добиваат нов третман, нова систематизација и нов начин на добивање пари. Ова министерство е столбот на државата. Тие се должни да креираат политики но и се чувари на парите на државата и мора соодветно да мотивираме луѓе за останат во ова министерство. Тие заслужуваат многу поголеми плати. Ако ме прашувате дали ова зголемување е оправдано? Велам да. Оправдано е и зголемувањето на платите и на вработените кај мене и во другите министерства. Платите мора да бидат достоинствени и да одговараат на пазарот на труд – рече Битиќи.
Тој, како што рече, се залага за достоинствени плати на сите вработени.
Битиќи рече и дека став на владата е да го зголеми бројот на вработени во инспекциските служби, а при вработувањето на нови административци покрај нови лица ќе се применува и хоризонтално поместување на кадарот кој е вишок во некои институции.
Според него, за неколку илјади лица е намален бројот на административци како резултат на пензионирање и заминување.