Со 28 гласови „за“, 8 „воздржани“ и ниту еден „против“, Советот на Град Скопје доцна синоќа го изгласа буџетот за 2023 година „тежок“ 115 милиони евра во кој според градоначалничката Арсовска има пари за програмата „За Модерно Скопје“.
Од локалната самоуправа информираат дека е донесен развоен буџет со социјална компонента и со мерки за домаќинско и штедливо работење на градот. На донесувањето му претходеа расправи по голем број амандмани поднедени од ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ со кои се бараа средства за улици, монтажни паркиралишта, за социјално ранливите категории, за спортот, културата.
Оттаму додаваат дека за следната година, благодарение на конструктивноста на советниците од сите советнички групи во Советот на град Скопје, за следната 2023 година граѓаните ќе добијат буџет кој ќе значи и реализација на проекти за подобрување на јавната инфраструктура, подигнување на нови зелени површини, нови содржини во зоолошката градина и реализација на новиот Луна Парк.
Градоначалничката, Данела Арсовска, пак на присутните советници од говорницата им порача дека буџетот е лимитиран поради енергетската и економската криза и изрази благодарност до советниците од Левица, ЛДП и ДУИ кои одлучиле да не поднесат амандмани на предложениот буџет. На советниците од ВМРО – ДПМНЕ и рече дека не се конструктивни и сакаат да го блокирате буџетот со несериозни амандмани. Тие предложија амандман за реконструкција и изградба на улици во скопските општини за кои, пресметале дека потребни се 35 милиони денари. Според Арсовска пак за да се реализира овој амандман потребни се милиони евра.