More

    Сега е време за ремонти, дури е потопло

    spot_img

    Последниот пожар во ТЕЦ Осломеј, само три недели по неговото вклучување во мрежата и по направениот ремонт, покажа дека состојбата со енергетските капацитети не е така розова како што се прикажува. Ремонтите доцнат, а оптоварувањето на многу старите капацитети да се исполни планот за високо домашно производство може да предизвика нови хаварии, не само кај термоелектраните туку и кај хидрокапацитетите кои се планирани за ревитализација. Дополнитлено, секој капацитет е подложен на најразлични дефекти од помал и поголем обем, што не ветува дека нема да има зголемен увоз на струја.

    Ова го тврди поранешниот раководител во РЕК Битола Спиро Мавровски. Според него, како ќе се спуштаат температурите, така ќе се јавуваат слабостите на енергетските капацитети, посебно на термоелектраните, кои се најоптоварени во овој период од годината. Сепак, вели тој, нема да има недостиг на струја, бидејќи непроизведените количини ќе се надополнуваат од увоз, по цени многу повисоки од моменталните.

    – Имаме среќа што на почетокот на зимата имаме благи температури и потребата од електрична енергија не е голема, па капацитетите можат да издржат со мали сервиси кои се вообичаени. Како температурата ќе се намалува, можни се поголеми дефекти кај термоелектраните. Ако знаеме дека целиот товар за обезбедување струја моментално паѓа на РЕК Битола, тогаш состојбата не е розова како што велат првите луѓе на ЕСМ. Капацитетите не можат да се користат во посакуваната сила – вели Мавровски.

    Ако се одложи ремонтот на блокот 2, може да се случи нова хаварија во РЕК Битола

    Тој е загрижен бидејќи РЕК Битола уште не работи со целиот капацитет иако сите ремонти требаше да бидат завршени до октомври.

    -Почнува јануари, а таму уште не е монтиран трансформаторот во блокот 3. Може да се очекува да проработи кон средината на јануари. Но, можат да се случат проблеми и да се пролонгира периодот за негов старт. Тоа дополнително ќе ги оптовари блоковите 1 и 2, од кои првиот е најстар, а вториот требаше одамна да оди на ремонт. Со ваквото оптоварување на овие два блока може да дојде до неочекувана хаварија во блокот 2, која потоа многу подолго ќе се санира. Тоа ќе значи ново оптоварување за останатите енергетски капацитети, РЕК Осломеј кој веќе почна да покажува слабости и ТЕЦ Неготино, која работи, како што е најавено со двата котли, а секако и на хидроелектраните, за кои слушнавме треба да се ревитализираат бидејќи се стари – вели Мавровски.

    Во вакви услови, додава тој, не ни бега увоз на струја.

    – Цените од јануари, кога и побарувачката за овој енергенс ќе расте, ќе бидат далеку повисоки од сегашните. А кој ќе го плати тоа? Пак граѓаните, од својот џеб. Се разбира, посредно, преку полнење на буџетот од кој владата ќе му дава на ЕСМ за да излезе на крај со обврската да обезбеди 100 отсто струја за регулираниот пазар – вели тој.

    Мавровски забележува дека годинава ремонтите на блоковите во РЕК Битола невообичаено доцнат.

    – Практика е на одреден период капацитетите да одат на ремонт, а има месечни и дневни планови за поправки и сервисирање на одделни делови од капацитетите кои произведуваат струја. Обично, барем во периодот кога сум бил во РЕК Битола, ремонтите се реализирале во летниот период, за да може зимата капацитетите да работат без поголеми испади. Како и колку тие се спроведуваат сега, не можам да кажам. Но, факт е дека се доцни со ремонтите на дел од капацитетите, со оправдување дека е поради блокот 3, за кој повеќе од една година се чека трансформаторот, а тоа загрижува. Беше најавена ревитализација на хидрокапацитетите, но сега како што гледаме секојдневно се користат со целосен капацитет за дополнување на кусоците струја што исто така не е добро – вели тој.

    Според него, во услови кога навистина би биле вклучени сите капацитетите за производство на струја во земјава, како што се тврди, земјава би требало да извезува наместо да увезува струја.

    И професорот Константин Димитров вели дека во следниот период ќе има зголемен увоз на струја, бидејќи не се знае какви дефекти ќе се појават кај капацитетите.

    – Опремата не може да издржи да работи со полн капацитети. Мора да има спремни тимови, кои ќе реагираат на време. Да се надеваме дека ова се стандардни дефекти, да не биде да се расипе трансформаторот, тоа се посериозни грешки кои ќе мора да се сервисираат надвор. Ќе треба да се купува итно на пазар електрична енергија, која е многу скапа – изјави за медиумите Димитров во врска со пожарот во Осломеј.

    Одговорните се сигурни дека во јануари сите капацитети ќе работат

    Првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски и министерот за економија, Крешник Бектеши, веќе некое време  тврдат дека оваа зимска сезона ќе работат сите енергетски капацитети, а деновиве тоа го кажаа дека ќе се случи во  јануари.

    – Граѓаните и компаниите да бидат спокојни. Нема да има никаков проблем во делот на снабдување со електрична енергија. Има план за производство и од 1 декември, кога се зголемува потрошувачката, ќе бидат ставени во функција сите капацитети кои ги поседува ЕСМ – трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, КОГЕЛ, целиот хидропотенцијал и ветерниот парк во Богданци. Не се предвидени никакви рестрикции. Во континуитет сите потрошувачи ќе бидат снабдени со електрична енергија, почнувајќи од домаќинствата, па се до големите компании кои се на слободен пазар – изјави Бектеши.

    Ковачевски, пак, изјави дека блокот 3 во РЕК Битола ќе почне да работи од 10 јануари, бидејќи трансформаторот е пристигнат во Битола и се инсталира, а  на депонијата во комбинатот има над 280.000 тони јаглен, што тоа ќе овозможи сигурно работење на трите блока. Дополнително со јаглен се снабдува РЕК Осломеј. ТЕЦ Неготино работи со два котли и максимална снага за што испорачува 160 мегавати. Функционална е и гасната електрана во Скопје, како и сите 24 турбини на хидроелектраните во земјава се во функција, бидејќи има добар хидропотенцијал.

    Владата сѐ повеќе вложува во увоз на струја

    ЕСМ редовно добива буџетски пари за увоз на струја. Владата во текот на годината неколку пари му префрли  префрли на ЕСМ поголеми суми на пари за увоз на струја. последното беше во декември кога друштвото доби  25 милиони евра, за надминување на енергетската криза со електрична енергија.

    Во ноември, Владата на ЕСМ му префрли 11,5 милиони евра за истата намена – справување со кризната состојба. Во ноември, ЕСМ продажба од Владата доби 7,7 милиони евра за обезбедување субвенционирана електрична енергија за компаниите од прехранбениот сектор, училиштата и водоводните претпријатија. Вкупно, годинава околу 175 милиони евра буџетски средства се потрошени за енергетската криза со електричната енергија.

    Според Државниот завод за статистика, вкупниот увоз на електрична енергија (на ЕСМ и другите увозници на струја) во првата половина од годината чинел 363 милиони евра, што е речиси три пати поголема сума од онаа платена од јануари до јули лани, која изнесувала 110 милиони евра. За споредба, во текот на целата 2021 година увозот на електрична енергија ја чинел земјава 278 милиони евра, додека во 2019 година увозот на електрична енергија изнесувал 154  милиони евра.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img