Најмалку 38 лица настрадаа во силната зимска бура што ги погоди САД и Канада. Според официјални податоци, 34 лица загинале ширум САД, а најтешко е погоден градот Бафало во државата Њујорк, каде што животот го загубиле 12 лица.
Четири лица загинаа во Канада кога автобус се преврте при движење на замрзнат коловоз кај градот Мерит, во западната провинција Британска Колумбија.
Силна зимска бура го зафати северноамериканскиот континент, од Канада на север до Рио Гранде на југ. Синоптичарите очекуват невремето да попушти следните неколку дена, но останува советот да се избегнува патување доколку не е апсолутно неопходно.
Помалку од 200.000 домаќинства останаа без електрична енергија вчера попладнето, што е многу подобро отктолку ситуацијата во саботата кога без струја беа 1,7 милиони објекти.
Илјадници летови беа откажани, спречувајќи многу луѓе да стигнат до своите семејства за Божиќ. Најголем број жртви поради снежното невреме има во Бафало, а загинати има и во Вермонт, Охајо, Мисури, Висконсин, Канзас и во Колорадо.
Најпогодена со невремето е западната американска држава Монтана, каде температурата се спушти и до 45 степени под нулата.
Во Канада, невремето најмногу ги погоди провинциите Онтарио и Квебек.