Во јануари ќе има можност сите три блока на РЕК Битола да работаат во исто време и да испорачуваат електрична енергија, изјави генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
На прес-конференција во РЕК Битола, Ковачевски потврди дека попладнево од Истанбул со брод до Солун ќе стигне трансформаторот потребен за работа во грејната сезона што е во тек.
-Трансформаторот за РЕК Битола, Блок-3 имаше одредени проблеми во транспортот, но денес во попладневните часови трансформаторот со брод од Истанбул ќе биде истоварен во Солун каде што има екипи од РЕК Битола за преземање на трнсформаторот, а потоа утре транспортот ќе тргне кон Битола, односно за два до три денови да стигне на граничниот премин Меџитлија. Подготвени сме да го прифатиме трансформаторот, да се инсталира на својата позиција и да почне приклучок во мрежа кое вообичаено се одвива 14 денови. Тоа значи дека ние кон крајот на месецов или почетокот на јануари, до 10 јануари треба Блок-3 да го имаме во функција во актуелната грејна сезона. Во јануари ќе има можност сите три блока на РЕК Битола да работаат во исто време и да испорачуваат електрична енергија – изјави Ковачевски.
Од АД ЕСМ информираа дека на депонија има над 280.000 тони јаглен, и тоа ќе овозможи сигурно работење на три блока. Дополнително со јаглен се снабдува РЕК Осломеј и е во функција, ТЕЦ Неготино работи со два котли и максимална снага за што испорачува 160 мегавати на мрежа, функционална е и гасната електрана во Скопје, како и сите 24 турбини на хидроелектраните во земјава се во функција бидејќи има добар хидропотенцијал.
Ковачевски информира дека Горан Козаров е назначен за директор на ДООЕЛ Топлификација Битола. ДООЕЛ Топлификација е најновиот правен субјект во рамките на компанијата и во негова надлежност ќе биде изградбата и одржувањето на топловодот, како и дистрибуцијата на топлинска енергија од РЕК Битола до градот Битола и околните населени места.
Горан Козаров е магистер по индустриски менаџмент и поранешен директор на ЈП Водовод Битола.
-Новата функција како директор на ДООЕЛ Топлификација Битола ја доживувам како уште еден голем предизвик. Битолчани 40 години слушаа за можноста да ги загреваат домовите со топлата пареа од РЕК Битола. Моја и на мојот тим во иднина ќе биде честа и задоволството тој сон да се оствари – рече Козаров.
Проектот Топлификацијата на Битола, Новаци и Могила, АД ЕСМ го реализира со кредит од германската КФВ банка во вредност од околу 40 милиони евра, а дополнително компанијата инвестира 7 милиони евра сопствени средства. Топловодот го гради конзорциум од три реномирани фирми: АД Гранит, Рапид билд и бугарската фирма Атом енерго ремонт. Досега изградени се 15 километри од трасата со што топловодот стигна на влезот на Битола.