Пораката да продолжиме да пишуваме на македонски јазик е една од оние што Конески ни ги остави како тестамент. Тој ни укажа дека нема мали и големи јазици и големи и мали култури. Многумина му го поставуваа прашањето зошто не пишува на англиски, руски или германски. Но Конески сметал дека е одговорен и повикан да пишува на македонски, бидејќи не може и не смее да ја изневери својата генерација! И ние не смееме да ја изневериме својата генерација. И нашите потомци не смеат да ја изневерат својата генерација. Треба да продолжиме да пишуваме на македонски!
На денот кога се навршува 101 година од раѓањето на Блаже Конески, ова меѓу другото го истакнува големиот познавач, истражувач и афирматор на неговото творештво – Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетската професорка што во нашата наука го согледа Конески како нулта точка на македонската култура.
Кон крајот на минатата година беше објавена нејзината книга „Конески како тестамент”, која е резултат на близу дведецениска научна посветеност и се смета за ново поглавје во вреднувањето на делото на великанот. За оваа книга и за континуираните остварувања во културата, Мојсова-Чепишевска ја доби наградата „13 Ноември”, но и по ова значајно дело продолжи неуморно да истражува за Конески. Тоа беше и причина и повод за разговор со неа, кој го водеше нејзиниот помлад колега, Иван Антоновски, чии делови пренесуваме.
Треба уште многу да сториме за вистински да го спознаеме Конески
Со „Конески како тестамент”, Вие се надоврзавте на своите претходници со нови согледби, но сте и единствениот македонски филолог од својата генерација што посвети одделна, авторска книга на Конески. Ама зошто токму Конески „како тестамент”? И едновремено, и поттик и инспирација?
Затоа што сметам дека делото на Конески треба да го читаме и вреднуваме како тестамент во кој е запишано завештанието како да ги чуваме и развиваме и севкупната македонска култура и Македонија. Определбата дека тоа е така, уште еднаш ми се потврди и навраќајќи се на некои текстови, особено оние во кои е присутно прашањето како е да се пишува на мал јазик. Затоа што Конески рече дека не постојат мали и големи јазици, како и дека не постојат и мали и големи култури, туку дека постојат само мали и големи души. Во тој контекст, чинам дека оваа порака е една од оние што Конески ни ги остави како тестамент – и понатаму да пишуваме на овој „мал јазик”. Да пишуваме на македонски! Мислам дека овој негов аманет во годините наназад ме натера што повеќе да го проучувам неговото дело и да се обидам да истражувам помалку истражени сегменти од неговиот опус.
Која е Вашата оцена – колку во нашата средина до крај е исчитано напластеното во слоевитиот опус на Конески? И морам да Ве прашам, директно – колку според Вас, вистински го познаваме Конески?
Иако сите мислиме дека го читаме неговото творештво и пишуваме за Конески, мислам дека сè уште не го познавме доволно. Никој од нас, барем оние кои сме современици на децениите на XXI век не го познава Конески целосно, туку познава само едно делче од него. Треба уште многу да сториме за да го спознаеме колку што заслужува. И во тој контекст, еве како јас го гледам Конески наспрема сите нас… Како кога ќе фрлите камче во вода и тоа создава концентрични кругови. Конески е нашето македонско камче, но концентричните кругови се шират до бескрај. Ние можеби сме во вториот или третиот концентричен круг. Мислам дека напишаното од Конески треба постојано да го читаме. Оти во него треба да го гледаме ороводецот на нашето „Тешкото” – оној што се качува на тапанот и ги поведува другите и им е пример… И во буквална, и во преносна смисла! Неговите едновремена простост и строгост во изразот се амблем на севкупната македонска поезија и на севкупната македонска култура…
По толку темелита посветеност на севкупниот негов опус која резултираше со исчитувањето на неговиот тестамент, која е насоката што следна ќе ни ја дадете – за натамошните истражувања посветени на Конески? Можеби она што Вие препрочитувате и истражувате од Конески сега…
Во последново време особено се навраќам на оние стихови на Конески коишто зборуваат за обичните животни наслади. Сега тој Конески ме интересира. Не затоа што немам што друго да кажам за „Везилка” или за „Тешкото”, за „Ракување” или за „Илинденски мелодии”, туку затоа што сега ме интересира тој, интимен Конески и потребата со нови исчитувања да „гребеме” по неговото творештво, за да дојдеме како што вели тој во песната „Планина” – до последниот слој на душата. Оти постојано во мене е присутно прашањето колку го познаваме Конески до таму, до дното на неговата душа. Обидувајќи се да дојдеме до последниот слој на неговата душа, ние треба да дојдеме до последниот слој и на сопствената душа. До последниот, суштински слој и на македонската душа… Ако можеме тоа да го постигнеме…
Не смееме да ги изневериме и Конески и сопствената генерација
Сепак, зошто токму тој, како што велите интимен Конески е предизвик за Вас?
Затоа што додека не ја спознаеме и лиризираната интимна биографија на Конески, не ќе можеме ни да помислиме дека многу добро, а уште помалку дека целосно го познаваме и самиот Конески, особено ние коишто го вреднуваме од временска дистанца.
По досегашните обиди да се реконструира неговата лиризирана интимна биографија, од кои еден и заеднички го остваривме преку песните застапени на плочата „Проста и строга македонска песна”, мислам дека интимата, тој многу вешто ја криел и во својата поезија, а со тоа, таа станува уште повеќе привлечна и при анализата. Оти кога нешто е отворено и лесно достапно, тоа можеби и нема да го погледнеме. Но кога е затворено и притаено, едноставно жеднееме да откриеме што има таму. На тој начин сакам понатаму да го читам Конески. Не знам колку ќе успеам… Имам добра волја, енергија и доволно години и решеноста за исчитување на делото на Конески нема да ме напушти, затоа што го сакам тоа волуменозно творештво. Како што особено го сакам и творештвото на двајца од авторите на кои претходно потемелито се посветив – Коста Солев Рацин, кому му беше посветен и мојот магистерски труд и Петре М. Андреевски, на чијашто поезија се однесуваше мојот докторат. Ама истражувањата за Конески, и сега, како редовен професор со повеќе од три децении работен стаж, лично го доживувам и како наддокторат…
Но, покрај поетот Конески, клучен е влогот на научникот Конески. Во „Конески како тестамент” тоа се потврдува. Оти токму Вие растајнувате и не многу познати факти за неговата истражувачка актива, ама и покажувате дека без да се исчита напишаното од Конески не може да се анализира и коментира и она што му претходи во македонската книжевност и она што следува по него…
Иако мислам дека многу сум читала од стручните текстови на Конески посветени на македонската книжевност, секогаш кога одново ќе им се навратам, имам чувство дека нешто сум прескокнала во претходното читање. И секогаш сум запрепастена како тоа не сум го прочитала претходниот пат. Со секое ново навраќање кон текст на Конески откривам нешто друго, ново. Ама секогаш поврзано со нашиот бит и нашиот културен код. Меѓу другото, затоа, главната порака која ја упатив во предговорот на книгата е дека клучно место во тестаментот на Конески е изразот „погрешно пласиран човек”. Многумина пријатели на Конески, особено од редот на странските слависти му го поставуваа прашањето зошто не пишувал на некој „поголем јазик”, зошто не пишувал на англиски, руски или германски. Но тој сметал дека е одговорен и повикан да пишува на македонски, бидејќи тој е прв во генерацијата. И дека не може и не смее да ја изневери својата генерација. Оваа порака треба да биде исто толку битна и за нас. И ние не смееме да ја изневериме својата генерација. И вие, младите македонисти не смеете да ја изневерите својата генерација. Треба да продолжиме да пишуваме на македонски! Особено кога знаеме низ какви премрежиња минува македонскиот јазик сиве изминати години за да докажеме колку е долготрајно опстојувањето и развивањето негово. И низ какви премрежиња минувавме сите ние за да кажеме дека ако имаме паметење од чукунчукундедо, тој постоел и не може да се зборува дека е некаква вештачка творба.