Не се смируваат тензиите во ДУИ. Вицепремиерот Артан Груби и градоначалникот на скопската општина Сарај, кој сега е и организациски секретар на партијата, повторно ги вкрстија копјата.
Откако Груби на Фејсбук објави дека е завршена изградбата на ветената регионална поликлиника во Сарај, општината Сарај го демантираше вицепремиерот и ги обвини него и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи дека шират дезинформации.
Регионална поликлиника во Сарај ќе биде изградена на површина од 1.600 квадратни метри и ќе има дневна амбуланта за семејна медицина, стоматологија, педијатрија, лабораторија, рентген- соба, аптека. Од владината каса за овој проект се издвоени 930.000 евра.
„Градежниот проект се заврши една година пред временскиот рок и веќе е пред технички прием, според основниот проект. Се ангажиравме Владата преку Министерството за здравство да потпише анекс на договорот за поврзување на објектот со главниот пат, бидејќи тоа не беше вклучено во основниот проект. Во втората фаза Министерството за здравство ќе продолжи со јавна набавка за снабдување со медицинска опрема и ставање на објектот во функција“, се пофали Груби на Фејсбук.
Но, Блерим Беџети и општината Сарај тврдат дека проектот не е завршен, а анексот, со кој се фали Владата, не е донесен.
„Ги повикуваме сите заинтересирани да го посетат местото на поликлиниката и да се уверат дека овој проект се уште не е завршен и дека не се напразни поплаките од општина Сарај зa несфатливите доцнења“, се вели во објавата на општината.