Европската Унија е најдобрата алтернатива и патеката од која нема да се откажеме, истакна претседателот Стево Пендаровски денеска во Брисел на Самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржа во организација на аналитичкиот центар Пријатели на Европа.
На сесијата во рамки на Самитот, претседателот истакна дека историски момент и значаен исчекор за Северна Македонија е отворањето на преговорите за членство во ЕУ оваа година, но дека почетокот на овој процес истовремено имаше висока цена за нашата земја, имајќи го предвид противењето на преговарачката рамка, која сепак на крајот беше усвоена. Тој посочи на истражувањата на јавното мислење и падот на евроентузијазмот, односно на поддршката за интеграција во Европската Унија во последните 18 месеци.
Претседателот Пендаровски рече дека одговорното политичко лидерство треба да покаже дека ова е најдобрата алтернатива за нашата држава, за просперитетот и за вистинска трансформација во виталните области на нашето општество, нагласувајќи дека ова е патеката од која нема да се откажеме.
На тој пат, додаде тој, очекуваме целосна поддршка од страна на ЕУ и ја потенцираше неопходноста Западниот Балкан постојано да биде во фокусот на Унијата, не само кога Европа се соочува со предизвици како што е војна, или мигрантска криза.
Во дискусијата, претседателот посочи дека се потребни промени како во нашиот регион, така и во Брисел, додавајќи дека сè додека Унијата не го промени начинот на одлучување, не може да се очекува голем прогрес во однос на проширувањето, но и на другите политики. Понатаму, тој истакна дека колку помалку ЕУ е присутна во нашиот регион, толку повеќе ќе се даде простор за Русија и за разни тоталитарните модели на управување.
На Самитот, покрај претседателот Пендаровски, учествуваше премиерот на Република Албанија, Еди Рама и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.
Претседателот Пендаровски престојува во работна посета на Белгија, каде денеска во Монс имаше средба со Врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генерал Кристофер Каволи.