Македонија треба да се подготви за моќен циклон за време на викендот, кој ќе биде проследен со силен ветер и интензивни врнежи, па поради тоа може да се очекуваат поплави во некои делови од земјата – открива метеопрогнозерот Славчо Попоски за Плусинфо.
– Барем според последните анализи кои ние ги направивме со помош на најпрецизните нумерички модели во светот, за време на викендот кој доаѓа, како и во почетокот од следната седмица, Македонија треба да се подготви за моќен и длабок циклон кој ќе услови силен јужен и југоисточен ветер, интензивни врнежи од дожд како и локална појава на грмежи – вели Попоски.
Тој напоменува дека овие атмосферски процеси локално би можеле да бидат застапени во форма на невреме, а можни се и нови локални поплавувања слични на оние кои неодамна се случија во Тетовско.
Како што ни објасни Попоски, во почетокот од следната седмица на планинските места и скијачките центри, под влијание на студен воздух од север, ќе има нови обилни снежни врнежи и нова значително поголема снежна покривка.
– Сепак, сè уште се работи за неофицијални информации и промени во прогнозата сè уште се можни. Едно е сигурно, голема промена на времето сигурно ќе има за викендот и следната седмица – додава Попоски.
Од Управата за хидрометеоролошки работи потврдуваат дека под влијание на влажен бран, за време на викендот ќе има врнежи од дожд, кои на места повремено ќе бидат пообилни, особено в недела.