Претседавачот со комисијата на Претставничкиот дом, која го истражува нападот на Капитолот на 6 јануари 2021 година, изјави дека комисијата одлучила да испрати препорака до Министерството за правда за формулирање кривичен предмет.
Бени Томпсон, претседател на Комисијата, го потврди ова вчера на прашање од новинар, но не прецизираше кому, кога и за што би можеле да бидат покренати обвиненија.
Препораката не значи и дека Министерството ќе оформи кривичен предмет поврзан со упадот во американскиот Конгрес.
Упадот се случи по повик на тогашниот претседател Доналд Трамп, при што во нередите пет лица, вклучувајќи и еден полицаец, загинаа за време или веднаш по нередите, а повеќе од 140 полицајци беа повредени.
Трамп тогаш негираше дека изгубил и гласањето на претседателските избори го прогласи за фалсификат. Во хаотичниот упад на толпата, Капитолот беше материјално оштетен за милиони долари, а потпретседателот Мајк Пенс, членови на Конгресот и соработници се спасуваа бегајќи од зданието.
Поврзано со ова пак, Министерството за правда вчера повика на сослушување низа локални службени лица од Аризона, Мичиген и Висконсин, а за нивните комуникации со Трамп пред 6 јануари 2021 година. Тие беа повикани од Џек Смит, новиот специјален советник за 6 јануари назначен од министерството.
Аризона, Мичиген и Висконсин беа во средиштето на плановите на Трамп да ги преиначи резултатите и да остане на власт по изборите во 2020 година.