Од приватна здравствена установа, со закани дека ќе ѝ заплени имот, обвинителката Вилма Русковска, како шеф на ОЈО за Гонење организиран криминал икорупција неовластено добила лични здравствени податоци за обвинет, се тврди меѓу другото во кривичната пријава што против неа ја поднел Даниел Станчев, еден од обвинетите во случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски.
„Пријавената, како јавна обвинителка во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корпуција со искористување на својата службена положба и овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување, издала наредба за прибирање на документација во приватна здравствена установа за спроведен медицински преглед и за здравствената состојба на оштетениот, иако знаела дека таквата наредба е надвор од нејзините овластувања како јавен обвинител во ОЈО ГОКК, при што како основ за издавање на таквата наредба злоупотребила веќе затворена истрага“ – се тврди во кривичната пријава.
„Пријавениот прибрал чувствителни лични податоци за здравствената состојба на оштетениот, иако за истото немал законско овластување, спротивно на Законот за заштита на лични податоци и спротивно на Кривичниот законик прибавил „Посебни категории на лични податоци” кои податоци се однесуваат за здравствената состојба на оштетениот без за тоа да постои оправдана причина и без за истото да прибави посебно одобрение согласно Законот за заштита на лични податоци, исполнувајќи го битието на делото од член 149 став 1 в.в. 3 и 4 од Кривичниот законик на начин што спротивно на условите утврдени со закон, без согласност на граѓанинот, прибирала и обработувала лични податоци на оштетениот, злоупотребувајќи ги службените овластувања.
Со тие дејствија, смета подносителот, Русковска сторилa повеќе кривични дела како „присила“, „злоупотреба на лични податоци”, „пречекорување на службените овластувања“, а патем го оштетила и буџетот, користејќи време и ресурси за активности што не се во нејзинa недлежност. Во пријавата уште се тврди дека пријавената била целосно запознаена, свесна и стручна за да знае дека таквите дејствија се санкционирани од Кривичниот законик.