Министерството за образовани и наука (МОН) информира дека согласно Законот за учебници во основното и во средното образование, сите учебници можe да се користат најмногу пет години, со исклучок на оние за прво, второ и трето одделение, како и одредени учебници од повисоките одделенија во кои има содржини што ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење кои се користат еднократно.
– Учебниците и сите други наставни материјали кои ги обезбедуваат надлежните институции од областа на образованието предводени од МОН и кои се изготвени врз основа на наставните програми, имаат цел првенствено да им помогнат на учениците во совладувањето на наставната материја и стекнувањето применливи знаења преку учење со разбирање, но и да ги стимулираат нивната креативност и критичко размислување. За постигнување на овие цели, неопходна е целосна реализација на наставните програми кои, меѓудругото, предвидуваат и пополнување содржини во дел од учебниците. Затоа МОН упатува апел до сите учесници во спроведувањето на воспитно-образовниот процес да не го ограничуваат користењето на учебниците и пополнувањето на содржините во нив кои се предвидени за пополнување од учениците – наведува МОН во соопштение.
Министерството напомнува дека нема потреба ниту од печатење на учебниците кои се достапни во електронски формат на www.e-ucebnici.mon.gov.mk.
– МОН продолжува и во иднина да набавува целосно нови учебници за најмалите основци и да ги заменува оние од другите одделенија кои поради дотраеност не може да се користат – соопшти Министерството за образование и наука.