Компаниите ги затвораат капацитетите на одреден период поради високите сметки за енергија. Штедат на потрошувачката на струја и на ситно, работат со ноќните вишоци на струја, но и вложуваат во сопствено производство на струја преку инсталирање фотонапонски централи или на друг начин. Компаниите заштедуваат и до една третина од потрошувачката, но и покрај тоа струјата останува највисока ставка во нивните трошоци.
– Во услови кога цената на струјата е голем трошок за компаниите, мора да се штеди и треба да се штеди. Ако не се направи тоа, ќе треба да се затворат капацитетите кои нема да ги издржат големите трошоци. Значи секој вработен треба да внимава како се троши струјата и другите енергенси. Кај нас во текстилната индустрија може да се заштеди на енергија, ако вработените се придржуваат на одредени правила за штедење и за домаќинско однесување. Иако се мисли дека со исклучување или замена на светилките не се штеди, сепак се штеди. Тие ситни потрошувачи прават сметките да бидат повисоки. Се штеди и преку добра организација на производството во делови од погоните, но и со намалување на температурата на загревање и слично, иако мислиме дека тука нема заштеди. Кај нас, преку поекономично користење на струјата, успеавме да заштедиме 10 отсто во киловати потрошена струја. Дополнително со инвестицијата во фотонапонската централа на покривот на компанијата заштедивме една третина од потрошувачката на електрична енергија – вели Ангел Димитров од фабриката „Мода“ во Свети Николе.
Спротивно на оваа, тешката метална индустрија и рударството малку можат да штедат струја бидејќи таа е главен дел од нивното производство. Дневната потрошувачка на струја кај нив е во илјади киловати, а паричниот издаток се мери со илјадници евра.
– Овие капацитети или мора да запрат со производството бидејќи имаат голема дневна потрошувачка на струја како „Фени“ или да го ориентираат производството на ноќна струја која е поевтина од дневната како „Макстил“ и другите компании кои работат во кругот на Железара. Засега рудниците добро се справуваат со цената на струјата. Рудникот „Бучим“ кој имаше прекин во работата поради цената на струјата и ги испрати работниците на принуден одмор сега работи, а рудникот „Саса“ има договор за набавка на струја и за следната година. Тоа дава надеж дека работниците во овие компании ќе добиваат цела плата и нема да одат на принудни одмори. Во отворените рудници има помала потреба од електрична енергија и верувам дека нема да има прекини во работата за работниците. Енергетските компании во кои имаме синдикални организации имаат сопствени планови за штедење и заштеди според она што го бара владата со планот за заштеда на енергија. Во производството не можат да штедат многу, а во управните згради се придржуваат на препораките – вели Игор Герасов, претседател на Синдикатот на индустријата, рударството и енергетиката (СИЕР).
Тој очекува и „Фени“, која се затвори поради енормно високата цена на струјата и ниската цена на никелот на берзите, да ги добие потребните дозволи за увоз и инсталирање агрегати за сопствено производство на струја, да почне да работи.
– Во оваа компанија им се продолжи принудниот одмор на работниците сѐ до подобрување на условите во кои работи компанијата. Таму се реализира план за сопствено производство на енергија и очекувам компанијата да го реализира ова вложување и да продолжи да работи – додава Герасов.
Затворање на хотелите на два месеца најавуваат и хотелиерите бидејќи, како што велат, не можат да ги исплатат високите трошоци поради цената на струјата на отворен пазар која се очекува да почне да се зголемува веќе од јануари.
– Кај нас не може да се штеди. Не можете да исклучите светилки кога имате гости. Исто е и со греењето. Иако имаме греење на водени пумпи кои се на струја, бидејќи во тоа време се бараше тие да бидат на обновливи извори, немаме заштеди. Струјата која ја купуваме на слободен пазар е висока. Имаме и други трошоци за кои треба да се обезбедат пари, а ноќевања и гости има малку, посебно во јануари и во февруари. Затоа планираме да ги затвориме хотелите во овој период, а вработените да користат слободни денови и принуден одмор во тој период – вели Крсто Блажески, претседател на Здружението на хотелиери (ХОТАМ).
И другите индустрии, зависно од производниот процес и можноста за негова подобра организација успеваат или не да заштедат енергија зашто, како што велат стопанствениците, помина времето кога не се размислуваше многу за ситните заштеди на енергија и не се размислуваше да се вложува во производство на сопствена енергија.