Русија и Казахстан тргнуваат од тоа дека никогаш не треба да започне нуклеарна војна, се вели во заедничката декларација по повод 30-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји, која денеска ја потпишаа претседателите Владимир Путин и Касим-Жомарт Токаев.
„Руската Федерација и Република Казахстан поаѓаат од тоа дека не може да има победник во нуклеарна војна и дека никогаш не треба да започне”, се наведува во документот објавен на веб-страницата на Кремљ.
Путин се сретна со Токаев во Кремљ и рече дека Москва го цени фактот што Токаев е во прва странска посета на Русија по реизборот.
– Денешната посета е од посебно значење, ова е прва посета на Токаев откако беше реизбран за претседател на Казахстан и е од симболично значење, бидејќи ја нагласува посебната природа на нашите односи – рече Путин и додаде дека Русија тоа многу го цени.
Заедничката декларација беше потпишана од претседателите на Русија и Казахстан во Москва по нивните разговори. Во декларацијата се наведува дека Русија и Казахстан имаат намера да ја продолжат соработката меѓу вооружените сили во различни формати.