Приведувањето на новинарот на Би-Би-Си во Кина, кој известуваше за протестите против политиката „нулта ковид” е „шокантно и неприфатливо”, изјави денеска портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак.
– Апсењето на новинарот, кој само си ја вршеше работата е шокантно и неприфатливо. Новинарите треба да си ја вршат работата без страв, изјави портпаролот на Сунак.
Тој истакна дека Велика Британија ќе го извести Пекинг за својата загриженост за постапките на кинеските власти за време на протестите, додека Владата во Лондон ќе продолжи да бара конструктивни врски со азиската земја за други прашања.
Претходно британската медиумска група Би-Би-Си (ББЦ) јави дека еден од нивните новинари бил уапсен и претепан во Кина додека известувал од Шангај за демонстрациите против ковид ограничувањата.
Би-Би-Си е многу загрижена за начинот на кој беше третиран нашиот новинар Ед Лоренс, кој беше уапсен и му се ставени лисици на рацете додека известуваше од демонстрациите во Шангај, изјави портпаролот на Би-Би-Си.
Тој наведе дека Лоренс вчера бил претепан додека работел како акредитиран новинар. Новинарот бил задржан во притвор, а по неколку часа бил ослободен.
Портпаролот на Би-Би-Си истакна дека компанијата не добила никакво официјално објаснување ниту извинување од кинеските власти, освен тврдењето дека Лоренс бил приведен за да не се зарази со Ковид-19.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Џао Лиџијан изјави дека Лоренс не бил индентификуван како новинар односно не покажал новинарска акредитација. Џао побара од странските медиуми да „ги почитуваат кинеските закони и прописи за време на нивниот претстој во Кина.
Протестите во Кина почнаа откако на 24 ноември изби пожар во зграда во Урумчи, при што загинаа десет луѓе. Демонстрантите тврдат дека на жителите од запалената зграда не им било дозволено да побегнат поради ковид ограничувањата, поради што голем број од нив загинале.
Кинеските власти негираат дека мерките воведени за запирање на ширењето на коронавирусот ги забавиле напорите на спасувачите и пожарникарите во запалената зграда во градот Урумчи. Тие, исто така тврдат дека на жителите од станбениот блок не им било забрането да ја напуштат зградата кога избувнал пожарот.