Европскиот парламент во Стразбур усвои резолуција според која пристапните преговори со Србија треба да напредуваат само доколку Белград ги поддржи санкциите против Русија и постигне значителен напредок во реформите. Исто така, европратениците поддржаа на ист начин да се условуваат и средствата на ЕУ за Србија, јавува Н1.
Како што е објавено на веб-страницата на Европскиот парламент, ниту една алтернатива не треба да го замени проширувањето, а треба да се реформира и процесот на одлучување во пристапниот процес и новите членови да се прифатат со квалификувано мнозинство наместо со едногласност. Се додава и дека пристапните преговори со земјите кандидати треба да завршат до 2030 година.
Европскиот дописник на Н1 оценил дека ова е необврзувачка резолуција, но дека е силна политичка порака во која насока размислува ЕУ. Резолуцијата ја поддржаа 502 пратеници, 75 беа против, а 61 воздржан.
Авторот на резолуцијата, пратеникот Тонино Пицула, изјавил дека Европскиот парламент отсекогаш бил најважниот поддржувач на проширувањето.