Србија и Косово не успеаја да постигнат договор во разговорите под покровителство на ЕУ за спорот околу регистарските таблички, изјави во понеделникот српскиот претседател Александар Вучиќ, адресирајќи го прашањето за кое Западот стравува дека може да предизвика етничко насилство во регионот на Западен Балкан.
-„Од причини кои не ми се јасни, не успеавме да постигнеме апсолутно никаков договор… Албанската страна не сакаше да прифати ништо“, изјави Вучиќ на новинарите по средбата со косовскиот премиер Албин Курти и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи. Политика и безбедност Жозеп Борел во Брисел.
Состанокот на високо ниво го свикаа шефот на евродипломатијата Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак пред почетокот на наплатата на казните за возачите на возила кои не ги смениле регистарските таблички со оние со ознака Косово, што косовските власти имаат намера да започнат со пријавување од 22 ноември.
Во изјавата за новинарите, Вучиќ рече дека договорот со Приштина не е постигнат од „непозната причина“, тврдејќи дека „сега знае која страна е за мир“.
Српската страна беше конструктивна, но албанската не сакаше да прифати никаков предлог, рече Вучиќ.
Тој изјави дека „ќе ја чека изјавата на шефот на евродипломатијата“ и дека српската страна „ќе ги почитува неговите препораки“ да не се издаваат нови таблички со ознаката КМ, со истовремено предлог до Приштина да не ги применува најавените казни.
Вучиќ оцени дека „претстои тежок период“, а на сонародниците во Косово им порача дека „нивната земја е секогаш со нив“. Тој најави и дека ќе и се обрати на јавноста откако Борел повеќе ќе проговори за тоа.
Косовската влада најави дека по 21 ноември ќе почне да наплаќа казни за сопствениците на возила од северот на Косово кои не ги замениле српските регистарски таблички со косовски. Косовските власти го соопштија ова и покрај барањата на САД и ЕУ за одложување на одлуката за пререгистрација за 10 месеци.
Комисијата ги означи растечките тензии како „најсериозна ситуација“ од 2013 година.