Третата рунда преговори меѓу Русија и Украина може да се одржи на 7 март, денеска објави изданието „Украинска правда“, повикувајќи се на извор близок до украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува ТАСС.
– Чекаме потврда од Русите. Нашиот предлог е 7 март – изјавил изворот за медиумот.
Претходно денеска, Михаил Подољак, советник на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, изјави за „Страна“ дека преговорите ќе се одржат во следниот ден или два.
На 28 февруари се одржаа првите руско-украински разговори во регионот Гомел во Белорусија. Руската делегација ја предводеше помошникот на претседателот Владимир Медински. Вториот круг се одржа на 3 март во Беловежскај Пушча. Медински ги оквалификува договорите постигнати со украинската страна како резултат на преговорите – значаен напредок. Поточно, Москва и Киев успеаја да се договорат за хуманитарни коридори за цивилното население, потсетува ТАСС.