Албанската полиција по едномесечна истрага уапсила жител на Корча под обвинение за шверц на гориво преку граничниот премин Горица-Стење, на албанско-македонската граница кај Ресен.
– Од целокупноста на истражните дејствија, произлезе дека државјанинот Д.Ф.(54) со возило од марка „мерцедес”, чиј резервоар го модифицирал и го зголемил, од Македонија преку граничниот премин Горица, шверцувал значителна количина нафта. Шверцуваната нафта ја складирал во домот на неговата сестра Е.Ч. а потоа ја продавал на други лица – се вели во полициското соопштение.
Полицијата открила 300 литри нафта, за кои верува дека е шверцувана од Македонија.
Д.Ф. ќе одговара за кривични дела „Криумчарење на стоки кои подлежат на акциза” и „Трговија и превоз на шверцувана стока”. Неговата сестра ќе одговара за соработка, но ќе се брани од слобода.