Најбогатиот човек во светот повторно ги изненади вработените во својата компанијата Твитер. Тој преку мејл ги известил дека работата од дома е забранета, освен ако тој лично не го одобри тоа. „Подгответе се за тешки времиња“, пишувало во пораката, објави Блумберг њуз. Пред Илон Маск да го купи Твитер повеќето вработени можеле да работата од каде било, а повеќе избрале да останат дома во пандемијата и од тогаш не се вратени во канцеларија.
„Новите правила, кои стапуваат во сила веднаш, бараат вработените да бидат во канцеларија најмалку 40 часа неделно“, напишал Маск во мејлот во кој имала увид агенцијата во Њујорк.
Твитер е под раководство на Маск речиси две недели, време за кое тој отпушти приближно половина од своите вработени, а отказ добија и повеќето поранешни високи менаџери. Маск сам се назначи за директор и покрај тоа што веќе е газда на фирмата.
Денеска Маск ги праша твитерџиите дали функционира неговиот систем со плаќање на 8 долари за автентикација на профилите со кој, според него, значително ќе се намалат лажните профили. Корисниците беа поделени по ова прашање.