Оваа и следната недела ќе се испечатат и ќе се испорачаат најголем дел од новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение, информираше Министерството за образование и наука.
„Станува збор за над 20 учебници за кои нема жалбени постапки, по наставни предмети во прво, второ, четврто и петто одделение и тоа на сите јазици на кои се изведува наставата во основните училишта во државата, односно на македонски, албански, турски, српски и на босански јазик. Потсетуваме дека нивната изработка следеше по креирањето на нови наставни програми за овие одделенија, согласно планот за етапна реформа на основното образование. Во меѓувреме, за учениците беа набавени квалитетни наставни материјали кои ја обработуваат материјата за првото тримесечје, за да можат да работат за време на часовите и да го повторуваат совладаното по завршување на часовите. МОН заедно со другите надлежни институции ќе продолжи да вложува во изработка на нови наставни програми и учебници, затоа што тоа е еден од основните услови за квалитетна едукација, односно воспитно – образовен процес“, се вели во соопштението.