Украина национализирала приватни акции во пет стратешки важни компании за потребите на државата во воена состојба.
Според украинскиот пратеник и заменик-претседател на Комисијата за финансии, даноци и царини Јарослав Железњак се работи за производителот на мотори „Мотор Сич”, енергетските компании Укрнафта и Укртатнафта, производителот на возила „АвтоКрАЗ” и производителот на трансформатори „Запорижтрансформатор”.
Националната комисија за безбедност и хартии од вредност на Украина го презеде тој чекор врз основа на законодавството за време на војна.
Сите споменати компании се делумно во сопственост на државата, а приватниот удел им припаѓа на компании поврзани со познати бизнисмени. Во документот се наведува дека приватниот удел во пет компании го презел Министерството за одбрана на Украина, а приватните сопственици ќе бидат обештетени во рок од една година по завршувањето на воената состојба во земјата.