Актуелниот американски претседател Џо Бајден од Демократската партија и поранешниот претседател Доналд Трамп од Републиканската партија одржаа изборни митинзи пред последниот ден пред конгресните избори, на кои Американците ќе избираат нови претставници за Конгресот, но и гувернери и претставници на локалната власт.
Анкетите покажуваат дека републиканците се во предност кога станува збор за Претставничкиот дом, долниот дом на Конгресот, додека изборот на членови на Сенатот ќе биде понеизвесен, пишува Би-Би-Си.
Одлуката за тоа кој ќе го контролира Сенатот во следните четири години најверојатно ќе ја донесат гласачите во Пенсилванија, Џорџија и Невада.
Овие „меѓуизбори”, или „среднорочни”, така наречени затоа што секогаш се одржуваат на половина од претседателскиот мандат, ќе бидат и вистински референдум за актуелната администрација на претседателот Џо Бајден, која се соочува со бројни предизвици во време на голема поларизација на американското општество.
Демократската партија предводена од Бајден би можела да се соочи со пораз, дури и во делови од земјата каде што демократите вообичаено добро минуваат.
Бајден вчера зборуваше на митинг во Њујорк за поддршка на гувернерката Кети Хочул, која се кандидира против републиканецот Ли Зелдин, поддржан од Трамп.
Хочул беше поддржана и од некои „ѕвезди” на Демократската партија, како што се поранешниот претседател Бил Клинтон, потпретседателката Камала Харис и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.
Во својот говор, Бајден ги нарече изборите „пресвртна точка” што ќе ги одреди следните 20 години во САД. Тој им порача на гласачите на колеџот Сара Лоренс дека избираат помеѓу две „фундаментално различни визии за Америка”.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп одржа говор на митинг во Мајами, каде што ги обвини демократите дека ја водат земјата кон комунизам.
– Демократите сакаат да ја претворат Америка во комунистичка Куба или социјалистичка Венецуела – рече Трамп на митингот. За време на говорот Трамп навести дека би можел повторно да се кандидира за претседател во 2024 година, пренесува британскиот јавен сервис.
Среднорочните избори во САД се одржуваат на секои четири години на средината на секој претседателски мандат и оваа година вклучуваат избори за сите 435 места во Претставничкиот дом, 35 од 100 места во Сенатот и 36 од 50 државни гувернери, како и бројни други локални функции и предлози за гласање.