Поради загубата на испораките од Русија и очекуваната зголемена побарувачка во Кина, Европа мора да дејствува сега за да избегне недостиг на гас следната година, предупреди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Според проценките на ИЕА, следната година Европа би можела да остане без околу 30 милијарди кубни метри гас, кои се неопходни за работата на економијата и полнењето на магацините во текот на летото. Ова би ја загрозило подготовката за зимската сезона 2023-2024 година.
Русија во последните месеци драстично ги намали испораките на гас за Европа, што многумина го гледаат како одмазда на Москва за санкциите воведени од западните земји врз земјата по руската инвазија на Украина. И покрај помалата понуда, Европа успеа да го наполни складиштето со гас пред претстојната зима.
Русија ѝ испорача на Европа 60 милијарди кубни метри гас оваа година, но ИЕА проценува дека е многу мала веројатноста истата количина да биде испорачана и следната година. Дури е можно целосно да се запре снабдувањето.
„Во меѓувреме, Кина може да го зголеми увозот на течен природен гас за да го поттикне економското закрепнување следната година“, предупреди ИЕА.