Регулаторната комисија за енергетика и да не донесе промена на цената на електричната енергија, со самото зголемување на ДДВ-то на 10 проценти, ќе се зголеми трошокот на граѓаните за електрична енергија, вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
– Мислам дека ќе треба да ни се даде простор да разгледаме и ние некои покреативни решенија за да се избегне зголемувањето на вкупниот трошок на електрична енергија којшто би го имале пред се домаќинствата – изјави Бислимоски во интервју за телевизија Телма.
Според Бислимоски, треба да се размисли и да се види дали ќе има потреба да се зголемува електрична енергија за домаќинствата со самото тоа што на регулираниот пазар се префрлуваат и одредени субјекти од слободниот пазар.
– Треба да застанеме малку, да ја нагазиме топката и да размислиме дали имаме потреба од зголемување на цената на електричната енергија. Тука пред се зборувам за домаќинствата. Треба да видиме каква ќе биде состојбата во 2023 година, а потоа да разгледуваме дали воопшто имаме потреба да носиме промена на цената на електричната енергија бидејќи не е фер некој што злоупотребил, сега тоа да падне на товар на домаќинствата. Јас разбирам дека општините имаат неколкукратно зголемени трошоци и јавните комунални претпријатија се соочуваат со реален проблем и нивните трошоци за струја во некои месеци се повисоки, но за жал, не чув ниту еден предлог од овие комунални претпријатија како тие би ја подобриле својата ефиканост за работа – вели Бислимоски.