Снабдувањето со вода и електрична енергија е обновено во Киев, главниот град на Украина, еден ден откако руските напади предизвикаа прекини на струја, изјави во вторник градоначалникот Виталиј Кличко.
Снабдувањето со вода и струја е „целосно воспоставено“, објави градоначалникот на социјалната мрежа Телеграм.
Масовните руски удари врз украинската инфраструктура во понеделникот наутро лишија од вода 80 отсто од жителите на главниот град и ја прекинаа струјата на 350.000 домови.
Планираните прекини на струја во главниот град сепак ќе продолжат поради значителниот „дефицит на електроенергетскиот систем, по варварските напади на агресорите“, предупреди Кличко додека во вторникот наутро повторно се огласи противвоздушната сирена во градот.
Во понеделникот, Русија лансираше 55 крстосувачки ракети, 22 ракети С-300 и борбени беспилотни летала во бранот напади низ Украина, често насочени кон енергетската инфраструктура, според украинската војска.
Тие напади беа меѓу „најмасовните на нашата територија од страна на армијата на Руската Федерација“, обвини во вторникот советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович.
Тој ја пофали подобрената противвоздушна одбрана на земјата што го направи „уништувањето да не биде толку критично како што можеше да биде“.
Минатомесечните руски напади уништија околу една третина од капацитетот на електроенергетскиот систем на Украина како што се приближува зимата, според украинските власти, кои продолжуваат да ги повикуваат Украинците да ја намалат потрошувачката на енергија колку што е можно повеќе.