Бројот на загинати во поплавите и одроните што минатата недела го погодија јужниот дел на Филипините се искачи на 98. Околу 60 лица се уште се водат како исчезнати, но спасувачите предупредуваат дека шансите за нивно преживување сега се речиси нула, пренесува француската новинска агенција АФП.
„Операцијата од потрага и спасување ја префрливме на собирање тела, бидејќи шансите за преживување сега се речиси нула“, изјави шефот на цивилната заштита на островот Минданао.
Поплави и одрони погодија неколку градови и села на островот Минданао во четвртокот. Најмногу луѓе загинаа во поплавите, бидејќи надојдените води ги изненадија жителите пред зори. Некои останаа заробени во куќи кои беа затрупани под одрони.
Обилните врнежи во земјата делумно се резултат и на тропската бура Налга. Во саботата стигна до Филипините, а пред неговото пристигнување властите евакуираа околу 5.000 луѓе.
Невремето опустоши многу села, уништи посевите и ја прекина струјата во многу региони. Во меѓувреме, Метеоролошката служба во Манила предупредува дека на земјата и се приближува нова тропска бура.
Претседателот на земјата, Фердинанд Маркос, денеска почна да посетува некои од тешко погодените области. „Иако несреќата беше голема и иако има големи штети на инфраструктурата, бројот на жртвите не беше толку голем“, рече тој.
Филипините се погодени од околу 20 тајфуни годишно, но регионот Минданао ретко е на нивниот пат. Сепак, оние што стигнуваат до овој регион обично се посмртоносни од тајфуните што го погодија централниот филипински остров Лузон.