Управниот одбор на ЈП Водовод и Канализација го укина решението донесено од директорот на препријатието Марјан Митовски за раскинување на договорите на 93-ца вработени, а укинати се и незаконските задолженија над 30 вработени да бидат незаконски распоредени на други работни места, соопштија денеска од Сојузот на синдикати на Македонија, јавува ТВ24.
Оттаму обвинуваат дека директорот Митовски преку пораки на Вибер им се заканувал на вработените, дека доколку не ги слушаат неговите закани ќе ја загубатат работата. Синдикатот побара и реакција од град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.
– На седница на Управниот одбор, в.д директорот Митовски морал да признае дека тој е испраќачот на вибер и меил пораката со која се заканува на сите вработени, дека доколку не бидат послушници на неговите закани, ќе ги изгубат работните места, што е невиден преседан од јавен службеник платен со народни пари. Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска мораат веднаш да преземат сѐ за да спречат вакви лица и тоа е нивна законска должност, а во спротивно ќе бидат директно виновни за шерифското однесување на поединци – велат од ССМ.
Директорот Митовски за ТВ 24 рече дека во текот на наредната недела ќе закаже пресконференција на која јавно ќе го соопшти својот став во врска обвинувањата. Од Град Скопје засега официјален став нема, иако оттаму велат оти сметаат дека станува збор за политички игри во кои се вклучени и двете најголеми политички партии , а со цел да се изврши притисок врз градоначалничката Арсовска.
Стојанче Кашиковски пак, кој е претседател на Синдикалната организација при водовод и канализација Скопје, за ТВ 24 вели дека поради притисоците и незаконското работење на директорот Митовски, тие бараат тој во најкус можен рок тој да си поднесе оставка.
Марјан Митовски беше назначен за нов в.д директор на Водовод и Канализација од страна на Арсовска на 13 септември годинава. Митовски дојде на местото на Златко Перински, кој беше разрешен од функција, поради, како што тогаш наведоа од град Скопје „самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер“.