Белорусија не планира да војува против никого и не ѝ треба војна, изјави претседателот на земјата Александар Лукашенко.
– Денес нема да одиме никаде. Нема војна, не ни треба – изјави Лукашенко, а пренесува руската агенција ТАСС, повикувајќи се на белоруската агенција Белта.
Претседателот на Белорусија ги отфрли обвинувањата дека земјата спроведува „тајна мобилизација“ и ѝ порача на јавноста да не обрнува внимание на „тоа кукање“.
– Мораме да бидеме мирни. Мора да си ја завршиме работата ако сакаме да нема војна – рече тој.
Претходно Лукашенко изјави дека нема потреба од мобилизација во Белорусија. Министерството за одбрана на таа земја најави дека може да активира резерва од половина милион обучени борци, доколку се појави потреба. Министерството објави дека околу 60 отсто од армијата на Белорусија е составена од доброволци.