Поранешниот премиер Зоран Заев нема намера да се враќа во политиката. Ова беше неговиот одговор на новинарско прашање во Тетово каде што учествуваше на панел-дискусија поврзана со енергртската криза и инфлацијата.
– Немам намера да се вратам во политиката. Јас си го сакам нашиот народ, јас ја сакам државата. Немам намера да се кандидирам за претседател на државата, бидете мирни и спокојни. Дваесет години сум во политиката, ќе ја помогам оваа и секоја идна Влада, имам наследство внатре, големи одлуки донесов. Сакам да успее мојот народ, сакам да успее државата. Убаво е да расчистиме – истакна Заев.
На прашањето каде е полесно – во политиката или во бизнисот, Заев вели дека најмногу му годи слободата.
– Јас дојдов од бизнисот и беше малку чудно лидер на социјалдемократска левичарска партија да дојде од капитал секторот, но верувам дека донесе една нова вредност затоа што практичарите ги гледаат на еден начин работите, а на друг начин ги гледаат теоретичарите и креаторите на идеите на националните стратегии од делот на професори, невладини организации. Така се прави еден убав микс. Тогаш имате една пореалистичка опција за развојот на државата, мене ми е многу убаво во бизнисот каде што се вратив и каде што доаѓам, верувам дека нема човек кој повеќе ѝ се радува на слободата. Се радувам на слободата. Се борев за слобода и демократски вредности во едно тешко време кога требаше да се применат, ги применив преку демонстрирање на поднесување на одговорност и оставка кога треба. Јас верувам, нашиот народ вклучително и политичарите ќе созреваат во делот на сите права кои народот им ги дава но и одговорностите што мора да ги понесеме сите – нагласи Заев.