Какви измени ќе претрпи Законот за здруженија и фондации?

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Со 84 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан, пратениците од власта и опозицијата вчера дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации. Предлогачот на измените, пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи ја потребата од нивно донесување, рече дека последниве седум месеци сме сведоци на отворање т.н. културни клубови под називи на контроверзни личности, нацисти и фашисти. Со овој закон, рече таа, би требало да се стави крај на отворање вакви здруженија и фондации.

Со Законот за здруженија и фондации, чија последна верзија донесена во 2016 година, се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здрженија, фондации, сојузи, организационите облици на странски организации во земјава, имот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес.

Со измените и дополнувањета на овој Закон, кои сега се во скратена собраниска постапка, се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица (член 4, став 2).

Со предложените измени, (член. 8 став) се предвидува како име, скратено име или назив на организација да не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх.

За употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на одредена историска личност, согласност дава министерот за правда, откако претходно ќе добие позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности. Оваа комисија ја формира исто така министерот за правда и таа, како што се предвидува во членот 9-а, треба да има 5 члена, по еден од министерствата за правда и за култура, еден од Иститутот за национална историја и двајца од МАНУ.

Според преодните и заврши одредби на предложениот текст, организации, здруженија, фондации, сојузи и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации се должни во рок од три месеци од стапување во сила на законските измени да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно наведените одредби. Здруженија и фондации кои тоа нема да го направат, ќе бидат избришани од Регистарот, за што треба да донесе одлука министерот за правда.

Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КСЗД) во петокот утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов“ – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот. Здружението Културен центар „Иван Михајлов“, воедно, е должно во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во статутот и програмата, што предизвикуваат вознемирување, утврди во петокот Комисијата. Таа му препорача на Министерството за правда во даден рок да изврши надзор над законитоста на примената одредба на Законот за здруженија и фондации.

Последното именување на бугарски клуб со име „Цар Борис Трети“, предизвика нови вербални реплики од двете страни на границата. Една таква викендов уследи и од шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, по изјавата на копретседателот на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, дека РСМ не се однесува како кандидат за членка на ЕУ, а како илустрација за тоа ги посочи посегањата кон бугарските клубови и исвиркувањето. На ова Османи му порача дека „да се занимава со историја, а не со политика“.

Share This Article