На свеченоста во Париз, каде францускиот напаѓач Карим Бензема беше прогласен за најдобар светски фудбалер за изминатата сезона, беше доделена и наградата за најдобар клуб, а на општо изненадување таа награда отиде во рацете на Манчестер Сити.
Една малку чудна одлука предизвика многу реакции со оглед на фактот дека Реал Мадрид имаше фантастична сезона и што од можни пет трофеи освои четири, вклучувајќи го и пехарот во Лигата на шампионите.
Особено е импресивен патот на Мадрид до титулата во елитното европско натпреварување. Кралскиот клуб ги победи ПСЖ, Челзи, Манчестер Сити и во финалето Ливерпул.
Ова е првпат да се доделува оваа награда, а за разлика од изборот за Златна топка, ниту еден новинар не учествува во изборот на најдобриот тим. Сити на свеченоста ја доби наградата за најмногу номинации и во машка и во женска категорија.
Интересно, пред Реал заврши и Ливерпул, па Бензема и тимот и покрај сезоната од соништата завршија на третото место.
Тони Крос, играчот од средниот ред на Реал, ја коментираше одлуката Реал да заврши само на третото место:
„Трет најдобар тим во 2021/22. – среќен? – саркастично рече Крос.
Реал ги освои Лигата на шампионите, Ла Лига, шпанскиот и европскиот Суперкуп, додека Граѓаните ја освоија само Премиер лигата, а беа елиминирани во осминафиналето на Лига купот и полуфиналето на ФА Купот.