Топланите и дистрибутивната мрежа се 100 отсто функционални, односно кај нив не се евидентирани никакви дефекти, изјави денеска помошник директорката за производство од АД ЕСМ Александра Маројевиќ.
Таа појасни дека секој почетокот на грејната сезона е период кога се јавуваат многу дефекти во потстаниците, како и кај внатрешните инсталации во домовите на потрошувачите.
Во текот на вчерашниот ден и денеска претпладне, како што информира Маројевиќ, пријавени се околу 600 дефекти од корисници на топлинска енергија, а најголем број дефекти се однесуваат на истекување од внатрешни инсталации.
– Овие дефекти не можат да се предвидат од наша страна, ниту од страна на корисниците. Во моментов се направени 77 такви интервенции. Во таков случај нашите екипи ја прекинуваат испораката на топлинска енергија во тие потстаници се додека кај корисниците не се отстранат дефектите од истекувањето, појасни Маројевиќ, која денеска заедно со сервисна екипа беше во посетата на станбена зграда во скопската населба „Пролет” од каде имале пријава за ладни радијатори.
Таа појасни дека причина за ладни радијатори се дефекти во топлински потстаници, како и најразличлни запушувања на радијаторите, запушување на воздух, запуштен пречистувач, откажување на пумпи итн.
– Тие интервенции веднаш се проследуваат на терен. Приоритет на сервисните екипи на терен имаат рекламациите за течење, со оглед дека тие можат да предизвикаат материјална штета во домовите. Сите останати рекламации за немање греење, односно ладни радијатори се извршуваат од сервисните служби на терен по редослед „прв јавен, прв услужен” – рече Маројевиќ.
Во однос на испораката на топлинската енергија во попладневните часови, таа посочи дека вчера, а најверојатно и денес попладне нема да се врши испорака бидејќи надворешните температури се високи.
– Млаките радијатори во овој период и во наредниот не се дефект, туку се рационална испорака на топлинска енергија согласно правилата, со цел во објектите да се исполни 20+1 степен Целзиусов. Како ќе паѓаат надворешните температури, така и обемот на испорачана топлинска енергија низ грејните тела ќе се зголемува, појасни Маројевиќ.
На прашање во врска со најавата за замена на природниот гас со дизел гориво, Маројевиќ информира дека во овој период топланите се подготвуваат да работат со алтернативно гориво – дизел.
– Во врска со достапноста на дизел горивото за производство на топлинска енергија, освен реконструкциите кои течат сега во производните капацитети, ние сметаме дека има доволно средства да си набавиме сами дизел гориво или да ги користиме расположивите средства во државните резерви, кои според наши информации се околу 105 милиони килограми. Тоа се количини кои ќе ја покријат целата грејна сезона со 50 отсто од нивната количина, рече Маројевиќ.
Анализите, како што посочи, покажале дека дизелот покрај тоа што е подостапен за користење за производство на топлинска енергија, тој е и еколошки поподобен.
Таа рече дека главна определба им е да обезбедат природен гас, кој е најеколошки по добра цена, а дизелот е алтернативно гориво.
– За да нема прекин во снабдувањето со топлинска енергија мора да сме подготвени да короистиме алтернативно гориво, додаде Маројевиќ.
Граѓаните на Скопје од 1965 година се грејат на централен систем кој, како што рече директорката за производство од АД ЕСМ Александра Маројевиќ, е надграден и проширен со цел за негова поголема оптимизација.