Скопското крило во ДУИ не учествуваше на консултативната средба што денеска ја свика лидерот Али Ахмети. Извори од оваа група информираат дека причината за бојкотот на средбата е нивното незадоволство од претходните средби и од предлозите на Ахмети за потпретседатели и секретари на ДУИ, објави ТВ Алсат.
Телевизијата тврди дека Изет Меџити ја понудил својата оставка од позицијата потпретседател на партијата, бидејќи не се согласува со имињата кои Ахмети ги предложил за партиските функции: Фатон Ахмети за генерален секретар, Валдет Џафери за организациски секретар, Изет Меџити, Арта Билали и Арбер Адеми за потпретседатели и Бујар Османи за портпарол. Оваа група не се согласува со овие предлози бидејќи тие се сметаат за блиски на вицепремиерот Артан Груби. Групата смета со тоа одлучувањето во партијата ќе остане во рацете на Груби.
„На седницата на Генералниот совет на ДУИ, свикана за утре, 15 октомври 2022 година, ќе учествува и „Огнената група“ со веќе изнесен став дека дека ќе ги повторат позициите за промени во раководството на партијата. Ако не биде спроведено ова нивно барање групата не ја исклучува можноста да стане внатрепартиска фракција во ДУИ“ – објави ТВ Алсат.
Денеска јавно на оваа група ѝ се придружија и други членови на Генералниот совет, Амет Исмаили од Студеничани и Ваит Ајро од Струга, тврди телевизијата.